Самит ЕУ-Западен Балкан во Тиват: Фокус на проширувањето и европската перспектива на регионот

Во Тиват, Црна Гора, денеска се одржува Самитот Европска Унија – Западен Балкан под мотото „Заеднички просперитет и стабилност”, на кој повеќе од 30 европски и регионални лидери разговараат за процесот на проширување и европската интеграција на регионот.

Со самитот, чиј домаќин е претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, претседава претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, а на собирот учествуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и високата претставничка за надворешна политика Каја Калас.

На самитот присуствува и премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски, кој претходно во Скопје се сретна со Кошта, потенцирајќи дека земјата останува цврсто определена кон европскиот пат и бара кредибилен процес базиран на реформи и исполнети обврски.

Главна тема на средбата е процесот на проширување, постепената интеграција на земјите од регионот во единствениот европски пазар и спроведувањето на Планот за раст на Западен Балкан. Лидерите разговараат и за регионалната безбедност, отпорноста на геополитичките предизвици и продлабочувањето на соработката во надворешната и одбранбената политика.

Кошта, кој во пресрет на самитот ги посети сите земји од Западен Балкан, порача дека проширувањето претставува стратешки интерес за Европа и инвестиција во мирот и безбедноста на континентот. Тој за Северна Македонија повтори дека усвојувањето на уставните измени останува клучен услов за отклучување на пристапните преговори.

Од самитот не се очекуваат конкретни одлуки за нови членства, но Брисел испраќа јасна порака дека европската перспектива на Западен Балкан останува отворена. Меѓу највидливите чекори кон поблиска интеграција се наведува напредокот кон укинување на роаминг-трошоците меѓу ЕУ и земјите од регионот.

Самитот, кој е дел од Стратешката агенда на Европскиот совет за периодот 2024-2029 година, се одржува во период на засилено геополитичко влијание на Русија и Кина во регионот, со цел ЕУ да ја зацврсти својата улога на Балканот.


1185

Задолжително

Verified by MonsterInsights