Бојкоски на тркалезната маса на УКЛО: „Европската диплома започнува од дома“

Во рамките на манифестацијата УКЛО КОЛОРС, на Универзитетот Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола денеска се одржа тркалезна маса на тема „Европската диплома започнува од дома“, посветена на европската диплома и заедничките студиски програми. На настанот свое обраќање имаше претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.

Дискусијата обедини домашни и меѓународни претставници од областа на високото образование, меѓу кои партнери од Италија и Латвија, претставници на универзитетските алијанси во Македонија, асоцирани партнери, институции од образовниот систем, како и претставници на Европска комисија, Делегација на Европската Унија во Северна Македонија и Асоцијацијата на алумни од Западен Балкан.

Во фокусот на тркалезната маса беа европските политики за развој на заеднички дипломи, интернационализацијата на високото образование и можностите што ги отвора иницијативата за Европска диплома.

Во своето обраќање, Бојкоски истакна дека Општина Битола активно ги препознава и поддржува овие процеси, нудејќи реални предизвици и практични можности за студентите вклучени во проектите на КОЛОРС.

„Нашите локални јавни институции, граѓански организации и компании се подготвени да бидат жива лабораторија во која студентите ќе можат практично да го применат своето знаење. Преку проекти како соработката со Вентспилс од Латвија, Битола и Прилеп, студентите и професорите веќе работеа на решенија за туристички инфо-центар, кои треба да се тестираат преку студентска пракса. Дополнително, преку проектот „Smart CityZen“ се развиваат решенија за подобрување на урбаната пристапност за лицата со намалена мобилност“, посочи Бојкоски.

Тој упати и конкретен предлог до учесниците на тркалезната маса, локалните и регионалните власти да добијат поактивна улога во креирањето на заедничките наставни програми.

„Со вклучување на реални општински предизвици во студиските модули на Европската диплома, студентите нема само да учат теорија, туку ќе работат на решавање на конкретни социо-економски потреби на нашите заедници. На тој начин се создава вистинско движење на мозоци – младите да стекнат европско искуство, а потоа да го применат во своите средини“, нагласи претседателот на Советот.

Бојкоски ги покани студентите од универзитетските алијанси да ги адресираат локалните предизвици, но и да учат од успешните примери што ги нуди Битола.

На крајот од обраќањето, тој порача дека Општина Битола останува целосно посветена на поддршката на процесот на европска интеграција во високото образование.

Инаку, корените на иницијативата за Европска диплома во рамките на алијансата КОЛОРС се поставени уште со формирањето на партнерството. Минатата година УКЛО ја потпиша првата конвенција за заедничка диплома во рамките на Алијансата преку новата магистерска студиска програма Мастер МИНД, иницирана од Економскиот факултет во Прилеп, со широка соработка меѓу универзитетските единици, партнерските институции и претставниците на реалниот, граѓанскиот и јавниот сектор.


1240

Задолжително

Verified by MonsterInsights