ВМРО-ДПМНЕ: Филипче е на иста линија со Радев, уставните измени ги претставува како единствена реформа

ВМРО-ДПМНЕ упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека ја поддржува бугарската политика кон Македонија и дека уставните измени ги претставува како единствен услов за напредок на државата кон Европската Унија.

На прес-конференција, портпаролот на партијата Валентин Манасиевски оцени дека европските институции и претставници позитивно ги вреднуваат реформите и резултатите на актуелната Влада, посочувајќи дека Македонија добила најголема финансиска поддршка од Планот за раст во регионот.

Според него, додека Европската Унија ги поздравува реформските процеси и напредокот на земјата, Филипче и СДСМ продолжуваат да инсистираат на уставните измени како клучно прашање за европската интеграција.

„Голем број европски претставници сметаат дека Македонија бележи видливи резултати и дека по долгогодишно чекање заслужува предвидливост и гаранции на европскиот пат. Наспроти тоа, Венко Филипче е на иста линија со Румен Радев и постојано ги наметнува уставните измени како единствена тема“, изјави Манасиевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека раководството на СДСМ ја продолжува политиката на поранешниот премиер Зоран Заев и дека е подготвено на нови отстапки на штета на националните интереси.

Манасиевски истакна дека Владата води политика на заштита на македонскиот идентитет и достоинство, додека опозициската партија, според него, застанува на спротивната страна.

„Наместо да застанат зад македонските национални и идентитетски интереси, тие се усогласуваат со ставовите на официјална Софија. СДСМ и Филипче повторно ја отвораат темата за уставните измени во момент кога државата добива признанија за реформите и економскиот напредок“, рече тој.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека најголемите отстапки во поновата македонска историја биле направени во периодот кога СДСМ беше на власт, наведувајќи ги промената на името, знамето и уставните измени како примери за политики кои, според него, биле спротивни на националните интереси.

„Овојпат станува збор за уште посериозни прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот. Наместо да ги брани македонските позиции, Филипче ги распродава“, изјави Манасиевски.

Тој порача дека токму ваквите политики се причината поради која СДСМ се наоѓа во опозиција и оцени дека граѓаните и на следните избори ќе ја потврдат поддршката за актуелната владина политика.


1146

Задолжително

Verified by MonsterInsights