Универзитетската библиотека во Битола потпиша меморандуми за соработка со културни институции и организации
НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола во изминатиот период потпиша меморандуми за соработка со повеќе национални установи од областа на културата со седиште во Битола, меѓу кои се НУ Народен театар – Битола, НУ Центар за култура – Битола и НУ Камерен оркестар – Битола.
Воедно, Библиотеката потпиша Меморандум за соработка и со Државен архив на Република Северна Македонија, со што се создаваат дополнителни можности за заеднички активности и проекти од заеднички интерес.
Обновена е и долгогодишната соработка со Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“, организација која од своето основање е тесно поврзана со Библиотеката и која низ годините реализирала бројни книжевни и културни настани во нејзините простории.
Потпишувањето на меморандумите претставува потврда на заложбите за унапредување на културниот живот, развој на нови иницијативи и продлабочување на меѓуинституционалната соработка. Истовремено, овие партнерства ја потврдуваат определбата на културните институции во Битола за заедничко делување, размена на искуства и креирање нови содржини во интерес на културата и граѓаните.
Преку вакви форми на соработка се создаваат услови за поефикасно користење на институционалните капацитети, реализација на заеднички проекти и дополнително збогатување на културната понуда во градот и пошироко.