КОЊАНОВСКИ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ХАГ: ПЕЛАГОНИЈА УЧИ ОД ХОЛАНДСКИТЕ МОДЕЛИ ЗА ИДНИНАТА
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како дел од регионалната делегација на Пелагонија, оствари работна средба со градоначалникот на Хаг, Јан ван Занен, во рамки на студиска посета на Кралството Холандија, организирана од „Про Локал“. Средбата беше посветена на размена на искуства во областа на локалното управување, циркуларната економија, одржливиот урбан развој и вклучувањето на младите во креирањето политики.
Во фокусот на разговорите беа современите предизвици со кои се соочуваат европските градови, вклучувајќи управување со отпад, климатски промени и меѓуопштинска соработка. Посебен акцент беше ставен на улогата на младите како активни чинители во развојот на локалните заедници.
Во рамки на посетата на The Hague, делегацијата се сретна со претставници на Association of Netherlands Municipalities (VNG) и Академијата за локално управување, каде беше презентиран холандскиот модел на децентрализирано управување и младинско учество во одлучувањето.
Посетени беа и повеќе иновативни центри, меѓу кои Titaan Hub, каде младински идеи се развиваат во стартапи и конкретни решенија во соработка со бизнис секторот и образовните институции.
Во Amsterdam, делегацијата го посети De Ceuvel, пример за трансформација на индустриски простор во центар за циркуларна економија и одржливи иновации.
Во Delft, беа посетени Delft University of Technology и „The Green Village“, каде се развиваат и тестираат решенија за климатска отпорност, енергетска ефикасност и одржлива инфраструктура.
Во рамки на програмата MATRA, поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија, делегацијата од Пелагонискиот регион (Битола, Прилеп, Ресен, Новаци, Могила, Кривогаштани и Долнени) имаше можност да се запознае со интегрирани модели на соработка меѓу локалната самоуправа, академијата, бизнис секторот и граѓанските организации.
Една од клучните пораки од посетата е дека одржливиот развој е резултат на партнерство помеѓу институциите и заедницата, а не изолирани политики. Искусените модели од Холандија се оценети како значајна насока за идниот развој на Пелагонија, особено во делот на задржување на младите и создавање нови можности за вработување.
Студиската посета овозможи нови контакти и основа за идна соработка со холандски институции и иновациски центри, со цел адаптација на добри европски практики во локалниот контекст на Северна Македонија.
