Николоски: Делницата Бељаковце–Крива Паланка е доказ дека Македонија може да реализира големи проекти
Изградбата на железничката делница Бељаковце–Крива Паланка претставува значајно инженерско достигнување и потврда дека државата има капацитет за реализација на сложени инфраструктурни проекти, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот Фејсбук профил.
Според него, на трасата се градат мостови со столбови високи до 61 метар, што ја надминува висината на повеќекатни објекти во урбаните средини. Во рамки на проектот ќе бидат вградени десетици илјади тони челик и околу 125.000 кубни метри бетон.
„Ова не е само железница, туку доказ дека Македонија може да реализира големи и сложени проекти“, истакна Николоски.
Железничката делница Бељаковце–Крива Паланка е дел од пругата кон Бугарија на Паневропскиот коридор 8 и опфаќа изградба на мостови, тунели и придружна инфраструктура.