Владата разгледува државна реализација на проектот „Чебрен и Галиште“ како стратешка инвестиција

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата сериозно ја разгледува можноста државата самостојно да го реализира хидроенергетскиот комплекс „Чебрен и Галиште“, кој се оценува како стратешки значаен проект, не само за Република Северна Македонија, туку и за поширокиот регион.

Проектот предвидува изградба на ПАХЕ (пумпно-акумулациона хидроелектрана) Чебрен, што претставува енергетски објект кој функционира со два резервоара на различна надморска височина и овозможува складирање и производство на електрична енергија. При вишок електрична енергија водата се пумпа во горниот резервоар, а при зголемена побарувачка се испушта надолу за производство на струја, што ја прави оваа технологија еден вид „систем за складирање енергија“.

Како клучни придобивки од проектот, тој ги истакна зголемувањето на енергетските капацитети, како и формирањето на два големи акумулациони резервоари со питка вода, кои би имале значајна улога во контекст на климатските промени и идната водна безбедност. Дополнително, проектот би придонел и за подобрување на системите за наводнување на околу 60.000 хектари земјоделско земјиште во Тиквешкиот регион, како и за потенцијален развој на нови индустриски капацитети, вклучително и дата-центри.

Според премиерот, проценетата вредност на инвестицијата изнесува до 1,5 милијарди евра, вклучувајќи ги и каматните трошоци. Пресметките покажуваат внатрешна стапка на поврат над 10 проценти, што укажува на економска оправданост на проектот.

Мицкоски посочи дека во изминатиот период биле спроведени повеќе неуспешни тендерски постапки и обиди за јавно-приватни партнерства, поради што сега се разгледува модел на целосна државна реализација, со поддршка од меѓународни финансиски институции.

Конечната одлука, како што информираше, ќе биде донесена по завршување на тековните консултации во рамки на АД ЕСМ и изработка на дополнителна физибилити студија, при што се разгледува и примена на моделот на „Јелоу Фидик“ за избор на изведувач.


1107

Задолжително

Verified by MonsterInsights