Историски ден за УКЛО: Собранието го усвои Законот за Факултет за медицински науки и здравство во Битола

Собранието на Република Северна Македонија на пленарната седница одржана на 11 јуни 2026 година едногласно го усвои Законот за основање на Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Со донесувањето на законот, Високата медицинска школа во Битола официјално прераснува во факултет, со што УКЛО добива нова факултетска единица и се отвораат нови можности за развој на медицинското и здравственото образование во државата.

Од Универзитетот оценуваат дека станува збор за историски исчекор во развојот на сестринската и акушерската професија, со што по повеќедецениски напори медицинските сестри и акушерките добиваат можност за целосен академски и научен развој во рамките на своите професионални области.

Новиот факултет ќе реализира четиригодишни академски студиски програми за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар, како и тригодишни стручни студии за медицинска сестра/техничар, акушерка, медицинско-лабораториски аналитичар, радиолошки технолог, физиотерапевт и санитарен инженер. Првата генерација студенти на академските студии се очекува да биде запишана во академската 2027/2028 година.

Од УКЛО упатија благодарност до министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, како и до пратениците кои едногласно го поддржаа законското решение.

Универзитетот посочува дека успехот е резултат на долгогодишната работа и визија на ректорот проф. д-р Игор Неделковски, Ректорскиот колегиум и работната група за подготовка на проектот, предводена од проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска.

Традицијата на високо образование за медицински сестри во Битола започна во 1988 година. Речиси четири децении подоцна, таа традиција прераснува во Факултет за медицински науки и здравство, кој ќе образува нови генерации здравствени професионалци, истражувачи и академски кадар.

Со оваа одлука, Битола дополнително ја зацврстува својата позиција како еден од најзначајните универзитетски и образовни центри во државата.


1174

Задолжително

Verified by MonsterInsights