Мицкоски: Во Истанбул ги претставуваме потенцијалите на македонската економија, расте интересот за инвестиции
Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со владина и бизнис делегација, престојува во Истанбул, каде што учествува на бизнис-форум и серија билатерални средби со претставници на турската деловна заедница.
Во рамки на посетата се организираат B2B средби меѓу македонски и турски компании, со цел зајакнување на економската соработка и отворање нови можности за инвестиции и партнерства.
Мицкоски истакна дека оваа иницијатива претставува продолжение на активностите што Владата ги реализираше во Унгарија, Австрија, како и на средбите со хрватската бизнис заедница во Охрид.
„Нашата цел е македонската економија и македонските компании да се поврзат со бизнисите во Турција и да се создадат нови можности за соработка“, порача премиерот.
Според него, кај турските бизнисмени постои значителен интерес за инвестирање во Македонија, а во текот на дводневната посета ќе бидат презентирани потенцијалите на македонската економија, како и мерките и поддршката што Владата ги нуди за привлекување странски директни инвестиции.
Првиот дел од настанот веќе е реализиран, а премиерот изрази очекување за успешни состаноци и позитивни пораки кои ќе придонесат за продлабочување на економските односи меѓу Македонија и Турција.
Од владината делегација најавуваат дека јавноста ќе биде континуирано информирана за резултатите од билатералната посета во Истанбул.