Потпишан грант од 2,4 милиони долари за подготовка на „РЕК Битола 1“
Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, денес беше потпишан договор за грант во вредност од 2,4 милиони долари помеѓу АД ЕСМ и Светска банка, за подготовка на проектот за когенеративната централа „РЕК Битола 1“.
Договорот го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и претставникот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Карол Межеван.
Грантот е наменет за подготвителни активности за изградба на новата централа и за проширување на топловодната мрежа во Битола, со цел унапредување на енергетската инфраструктура и обезбедување поефикасно снабдување со топлинска енергија.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека проектот е од стратешко значење за енергетската сигурност и транзицијата кон поодржлив и поефикасен енергетски систем.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска нагласи дека државата останува посветена на зголемување на домашното производство на енергија и постепено намалување на јаглеродните емисии.
Планираната инвестиција, вредна над 200 милиони евра, предвидува когенеративно производство на електрична и топлинска енергија, со значително намалување на штетните емисии и усогласување со европските еколошки стандарди.
Проектот се оценува како еден од клучните чекори во модернизацијата на енергетскиот сектор и подобрување на квалитетот на животот во Битола и Пелагонискиот регион.