Робот ќе управува со цела продавница во Хонг Конг

Во Хонг Конг наскоро ќе биде отворена првата продавница во која сите работни задачи ќе ги извршува еден хуманоиден робот. Според локалните медиуми, станува збор за 24-часовна поп-ап продавница сместена во пренослива „капсула“ на крајбрежјето во Хунг Хом.

Со продавницата ќе управува роботот „Сјао Гаи“ (Xiao Gai), развиен од пекиншката компанија за роботика и вештачка интелигенција Galbot. Роботот е висок околу 168 сантиметри и ќе биде задолжен за редење производи на полиците, избирање артикли за купувачите и наплата на производите на каса.

Од Хонгконшката инвестициска корпорација, која го поддржува проектот, велат дека ова претставува пример како вештачката интелигенција сè повеќе станува дел од секојдневниот живот. Според Galbot, роботот може да комуницира со клиентите, да води разговори и да зборува на повеќе јазици. Во продавницата ќе се продаваат различни производи, од грицки и пијалаци до лекови што се издаваат без рецепт.

Компанијата очекува необичниот концепт да го зголеми бројот на посетители во оваа област за околу 40 проценти. Во план е отворање на уште 100 вакви роботски продавници во десет градови.

Иако проектот предизвикува интерес и љубопитност, тој отвора и прашања за иднината на работните места. Роботите и системите базирани на вештачка интелигенција сè почесто се тестираат во различни индустрии. Неодамна, Japan Airlines најави употреба на роботи за ракување со багаж на аеродромот Ханеда во Токио.

Сепак, технологијата не е без ризици. Во текот на годинава вирално видео прикажа робот во ресторан кој ненадејно почнал неконтролирано да фрла садови и прибор. Дополнително, експеримент во Стокхолм покажа дека систем со вештачка интелигенција задолжен да управува со кафуле направил сериозни деловни грешки и за кратко време го потрошил поголемиот дел од расположливиот буџет.

Без оглед на предизвиците, роботските продавници претставуваат уште еден чекор кон автоматизирана иднина во која роботите ќе имаат сè поголема улога во секојдневните услуги.


1122

Задолжително

Verified by MonsterInsights