615.000 денари „подарок“ од државата: нова шанса за да станете свој газда
Со новообјавениот Јавен оглас за учество во програмата „Самовработување“, државата отвора можност за невработените лица да започнат сопствен бизнис со неповратна финансиска поддршка од 10.000 евра за млади до 29 години и 7.000 евра за лица постари од 29 години. Огласот го објави Агенцијата за вработување, а пријавувањето ќе се врши во сите 30 центри за вработување низ државата и ќе трае до 3 јули.
Целта на програмата е поттикнување на претприемништвото и создавање нови бизниси преку финансиска поддршка и систем на селекција што опфаќа повеќе фази на оценување на бизнис-идеите и бизнис-плановите на кандидатите. Покрај индивидуалното самовработување, мерката предвидува и можност за здружување на двајца корисници во друштво со ограничена одговорност (ДОО), при што секој содружник поседува по 50 проценти од фирмата. Во овој случај, вкупната поддршка достигнува до 1,23 милиони денари, односно по 615.000 денари за секој учесник, наменети за набавка на опрема и материјали согласно бизнис-планот.
Програмата е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2026 година. Право на учество имаат невработени млади лица до 29 години со најмалку средно образование, како и невработени мажи до 60 години и жени до 58 години. Во мерката можат да се вклучат и припадници на ромската заедница, повратници од странство, лица кои сакаат да го формализираат својот бизнис, како и жртви на родово и семејно насилство.
Покрај финансиската поддршка, учесниците ќе поминат задолжителна обука за претприемништво и развој на бизнис-вештини, ќе изработат бизнис-план преку ваучерски систем, ќе добијат помош при регистрација на фирмата, а за одредени категории е предвидена и шестмесечна менторска поддршка по започнувањето на бизнисот.
Право на учество немаат лица кои претходно користеле грант за самовработување, како и оние кои во последните 12 месеци биле основачи или управители на фирма со иста дејност. Исто така, од програмата се исклучени одредени дејности, меѓу кои класично земјоделство (освен органско производство), такси-превоз, производство на оружје и муниција, финансиски и осигурителни дејности, игри на среќа, приватни агенции за вработување и приватни здравствени установи.
Пријавувањето се врши во центрите за вработување секој работен ден од 8 до 14 часот, а дополнителни информации се достапни преку подрачните центри на Агенцијата за вработување и нејзините официјални канали.