Во напредна фаза реконструкцијата на поранешното кино „Партизан“ во Битола
Реконструкцијата и адаптацијата на поранешното кино „Партизан“ во Битола се одвива во напредна фаза, беше истакнато при денешната работна посета на министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Посетата започна со работен состанок во Општина Битола, каде со градоначалникот Тони Коњановски и секретарот Борче Димитровски се разговараше за тековните проекти во областа на културата и развојот на културниот туризам.
При увид на терен, министерот истакна дека работите на објектот се одвиваат според динамика и дека реконструкцијата ќе овозможи современ мултифункционален културен простор. За проектот се обезбедени околу 94 милиони денари, а завршувањето е најавено до крајот на 2027 година.
Во рамките на посетата беше извршен и увид во конзерваторско-реставраторските активности во Јени Џамија, каде се работи на заштита и реставрација на ѕидното сликарство и декоративните елементи. За овој проект се обезбедени околу 12 милиони денари.
Делегацијата го посети и археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, каде се спроведуваат активности за заштита на мозаиците преку санација и препокривање на кровната конструкција. Локалитетот бележи зголемена посетеност од 22.000 до 25.000 посетители годишно.
Од Министерството за култура и туризам беше нагласено дека во последните години се вложени околу 32 милиони денари во активности на Завод и музеј Битола, со што се подобрува културната и туристичката понуда на градот.