„Везилка“ – национален проект за развој на вештачка интелигенција

Македонија денеска официјално ја претставува „Везилка“ – Националната фабрика за вештачка интелигенција, стратешки проект насочен кон забрзување на технолошкиот развој и интеграција на земјата во европскиот екосистем за вештачка интелигенција.

Проектот го координира Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со Министерството за дигитална трансформација.

„Везилка“ е воспоставена во рамките на Европската заедничка иницијатива за високоперформансно пресметување (EuroHPC JU) и е кофинансирана од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“.

Во партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Pharos“, проектот ќе овозможи вклучување на Македонија во европските активности за развој на доверлива, етичка и иновативна вештачка интелигенција, фокусирана на реалните потреби на граѓаните и институциите.

Еден од клучните сегменти на иницијативата е развој на збирки податоци и дигитални ресурси на македонски јазик, со цел подобра застапеност на јазикот и локалниот контекст во идните системи базирани на вештачка интелигенција.

Од ФИНКИ посочуваат дека „Везилка“ ќе придонесе за зајакнување на дигиталниот суверенитет на државата, ќе ја поттикне дигиталната трансформација на јавниот сектор и ќе отвори нови можности за истражување, стартапи и развој на иновативни технологии.


1147

Задолжително

Verified by MonsterInsights