Почина истакнатиот македонски режисер и драматург Сашо Миленковски

Македонската култура и театарската сцена останаа без еден од своите најзначајни творци. Почина истакнатиот режисер, драматург и културен деец Сашо Миленковски, чија повеќедецениска работа остави длабок и траен белег во македонската театарска уметност.

Роден во Битола во 1963 година, Миленковски беше едно од најпрепознатливите имиња на македонската театарска сцена. Во речиси четири децении професионална работа остави силен авторски печат во домашниот театар, но и на сцените во регионот и Европа.

Неговата кариера започна уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица, каде што работеше од 1988 до 1991 година. Припаѓаше на генерацијата режисери кои во почетокот на 1990-тите години внесоа нова енергија и современ естетски израз во македонскиот театар.

Во текот на својата кариера режираше повеќе од 50 театарски претстави во Македонија и во странство, поставувајќи дела од класични и современи автори, меѓу кои Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет. Особено значаен беше неговиот придонес во афирмацијата на современата македонска драматургија.

Една од неговите најзначајни режии беше праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Народниот театар – Битола во 1992 година. Претставата освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а беше изведена и на фестивалите „Охридско лето“ и МОТ. Со оваа претстава, како и со „Буре барут“, поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде исклучителен придонес во промоцијата на драмското творештво на Дуковски.

Во неговиот богат опус се вбројуваат и постановките на „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, „Лични огласи“ од Братислав Димитров, како и „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар – Скопје.

Покрај режисерската работа, Миленковски беше и автор на драмските текстови „Коледе“, „Гејм оувер“, „Деус екс макина“ и „Ова не е американски филм“, кои ги реализираше и како сценски проекти.

Во 1999 година го основа независниот театар „Бабилон“, со што даде значаен придонес во развојот на независната театарска сцена во Македонија.

Од 2006 до 2010 година ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар, а од 2010 година беше драматург во Драмскиот театар – Скопје, каде активно учествуваше во креирањето на современиот репертоар.

За својата работа доби бројни награди и признанија. Двапати беше добитник на наградата за најдобра режија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ – за „Гејм оувер“ во Народниот театар – Куманово и за „Македонски рулет“ од Љубиша Георгиевски во Драмскиот театар – Скопје. Негови претстави беа наградувани и на фестивали во регионот, меѓу кои „Злосторство и казна“ и „Ниш експрес“.

Министерството за култура и туризам соопшти дека со неговото заминување Македонија губи еден од најавтентичните театарски автори, чие богато творештво претставува значаен дел од националното културно наследство.

„Со неговото заминување, македонската култура загуби еден од своите најзначајни и најавтентични театарски творци, чиј богат уметнички опус остави неизбришлива трага во современиот македонски театар“, се наведува во соопштението на Министерството.

Од Драмскиот театар – Скопје се простија од својот долгогодишен член, истакнувајќи дека Миленковски бил еден од уметниците кои го обликувале современиот македонски театар.

„Со својата исклучителна творечка визија, уметничка смелост и творечки интегритет остави неизбришлив белег во македонската театарска уметност. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите, колегите и до сите што имаа чест да соработуваат со него. Слава му!“, се наведува во објавата на театарот.

Сашо Миленковски зад себе остави богат режисерски, драмски и филмски опус, како и трајно влијание врз развојот на македонскиот театар. Тој беше сопруг на актерката Билјана Беличанец, која почина во 2019 година, и татко на режисерката Хана Миленковска.

Деталите за комеморацијата и погребот ќе бидат дополнително соопштени.


1143

Задолжително

Verified by MonsterInsights