Почина Драги Гроздановски – истакнат битолчанец и учесник во создавањето на независна Македонија
Со длабока тага ја известуваме јавноста дека на 21 март 2026 година почина Драги Гроздановски, истакнат битолчанец, правник и еден од учесниците во создавањето на современата македонска држава.
Роден во 1957 година во Битола, Гроздановски го завршил Правниот факултет и уште од најраните години се вклучил во општествено-политичкиот живот. Како пратеник во првиот парламентарен состав на независна Република Македонија (1991–1994), тој беше дел од историската генерација која ги поставуваше темелите на институционалниот и демократскиот систем на државата.
Во текот на својата професионална кариера извршуваше високи и одговорни функции, меѓу кои два мандати како директор на Агенцијата за разузнавање, каде придонесе во периоди од особено значење за безбедносното консолидирање на државата. Своето искуство и знаење ги вложи и како директор на ЈП „Нискоградба“ – Битола, каде активно учествуваше во развојот на локалната инфраструктура. Драги Гроздановски еден период беше и член на битолскиот совет, каде активно придонесуваше во локалната самоуправа и развојот на заедницата.
Драги Гроздановски беше еден од првите и доследни членови на ВМРО-ДПМНЕ, кој со својата посветеност, организациска енергија и политичка ангажираност остави длабока трага во партискиот и јавниот живот, придонесувајќи во оформувањето на политичките процеси во државата.
Ќе остане запаметен како човек со цврсти ставови, професионален интегритет и искрена посветеност кон државата и заедницата.
Погребот ќе се одржи на 22 март 2026 година.
Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и сите кои го познаваа.
Нека му е вечна слава.