Битола го уредува просторот зад СВР: инвестиција од 2,3 милиони денари и нови паркинзи во најава

Во Битола во тек е уредување на просторот зад зградата на СВР, со што се решава долгогодишен проблем со неорганизирана и запуштена земјена површина.

Станува збор за партерно уредување на површина од околу 800 квадратни метри, каде што се поставуваат бехатон плочки и се воведува современо решение за одведување на атмосферските води. Проектот предвидува инсталирање на собирни одводни решетки преку кои водата ќе се насочува и контролирано ќе се одведува од уредената површина, што значително ќе придонесе за подобрување на функционалноста и издржливоста на просторот.

За реализација на оваа интервенција се издвоени околу 2,3 милиони денари, а изведувач на работите е ЈП Нискоградба. Од локалната самоуправа посочуваат дека ваквите зафати се дел од поширока стратегија за унапредување на урбаното уредување и подобрување на условите за живот во градот.

Паралелно, Битола најавува продолжување на активностите за уредување и на други локации од каде што претходно беа отстранети стари и нефункционални гаражи. На овие простори се планира изградба на нови паркинг места, со што ќе се одговори на зголемената потреба за паркирање во урбаните делови на градот.

Меѓу локациите опфатени со овие планови се просторот кај Овчи Пазар, Ат Пазар, местото познато како „Хеликоптерот“, како и кај „Кифлата“ и поранешниот „Финансов“ во близина на Дрвен Пазар. Со реализацијата на овие проекти, општината има за цел да создаде поуредена, побезбедна и пофункционална урбана средина за сите граѓани.


1297

Задолжително

Verified by MonsterInsights