Нов лидер во Пелистер, најавени коренити промени и амбиции!
ФК Пелистер започнува нов период на организациски промени и подготовка за претстојната сезона, со цел стабилизација на клубот и враќање во Првата македонска фудбалска лига.
По промените во раководната структура и заминувањето на досегашниот менаџмент и стручниот штаб, акционерот на клубот – Општина Битола – донесе одлука за избор на нов претседател. На оваа функција е назначен Димитар Митревски, кој претходно бил ангажиран во ракометните структури на Еурофарм и има искуство во спортски менаџмент и маркетинг.
Според информациите од клубот, Митревски бил единствен кандидат за функцијата и ја прифатил задачата да го води проектот за сезоната 2026/27. Неговите приоритети ќе бидат организациска стабилизација и создавање услови за подобри спортски резултати.
Во својата професионална кариера, тој бил дел од раководните структури на ракометните клубови РК Еурофарм Пелистер, каде учествувал во развој и имплементација на спортски и менаџерски проекти.
Од клубот најавуваат дека во наредниот период ќе биде претставен планот за работа, ќе се назначи нов стручен штаб и ќе започнат подготовките за новата сезона.
Новата сезона во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) започнува на почетокот на август, а ФК Пелистер во првото коло ќе го пречека новиот член на лигата – екипата на Кајмани.