Николоски: Автопатот Прилеп – Битола ќе ја скрати патеката Скопје–Атина и ќе го забрза развојот на Пелагонија
Изградбата на автопатот Прилеп – Битола, дел од Коридорот 10Д, се одвива со засилена динамика и претставува еден од клучните инфраструктурни проекти во државата, истакна министерот за транспорт Александар Николоски, кој посочи дека со неговата реализација значително ќе се подобри поврзаноста и економскиот развој на Пелагонија.
Министерот Николоски изјави дека станува збор за најдолгата поединечна автопатска делница што моментално се гради во Македонија, долга околу 40 километри, која ќе има стратешко значење за целиот регион.
„Со овој автопат патувањето од Скопје до Атина се намалува за 3 до 3,5 часа, што значи многу повеќе бизнис и туристи за целиот регион“, истакна Николоски.
Тој додаде дека планот е во првата половина на 2027 година да бидат пуштени во употреба првите 10,5 километри од делницата, додека во текот на следната година сообраќајот по целата траса да се одвива по една коловозна лента.
„Ова ќе значи побезбеден и побрз сообраќај, подобра поврзаност, поголема конкурентност на стопанството и силен поттик за економскиот развој на Пелагонија“, нагласи министерот.
Николоски потенцираше дека Пелагонија е еден од најважните региони во државата и дека инвестициите во модерна инфраструктура се клучни за подобар животен стандард и нови перспективи за идните генерации.