Градежен бран во Битола: Започнаа нови проекти на повеќе локации низ градот

На повеќе локации низ Битола интензивно се реализираат градежни активности насочени кон подобрување на уличната и спортската инфраструктура, како и кон создавање нови паркинг-капацитети.

Во централното градско подрачје во тек е целосна реконструкција на улицата „Маркс и Енгелс“, во должина од околу 250 метри. Проектот опфаќа изградба на нова водоводна и канализациона мрежа, како и реконструкција на коловозот, со што ќе се подобрат условите за сообраќај и комунална инфраструктура.

Градежни работи се изведуваат и на делови од улиците „Леринска“ и „Христо Узунов“, каде што е реализирана изградба на водоводна и канализациона мрежа. Во наредната фаза е предвидено и нивно асфалтирање.

Паралелно со инфраструктурните зафати, започна и реконструкцијата на спортските игралишта во дворот на ОУ „Ѓорѓи Сугарев“. Проектот опфаќа обнова на три игралишта – за кошарка, за одбојка, како и комбинирано игралиште за ракомет и мал фудбал, со цел учениците да добијат подобри услови за спорт и рекреација.

Продолжуваат и работите на спортската инфраструктура во дворот на ОУ „Даме Груев“, каде се реализираат активности за унапредување на условите за одржување на наставата по физичко образование и спортските активности.

Во меѓувреме, Општина Битола продолжува со реализација на проекти за зголемување на бројот на паркинг-места. Започнати се градежните активности за изградба на нов паркинг-простор кај „Овчи пазар“, кој треба да придонесе за подобро регулирање на сообраќајот и намалување на недостигот од паркинг во овој дел од градот.

Со овие активности локалната самоуправа продолжува со реализација на повеќе инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на квалитетот на урбаното живеење, модернизација на јавниот простор и создавање подобри услови за граѓаните.

Видео од активностите е достапно на: https://www.facebook.com/share/r/192wU94NPz/


1296

Задолжително

Verified by MonsterInsights