До 20.000 евра за нов бизнис – голем интерес во Битола, поднесени 200 апликации
Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услугите на пазарот на трудот за 2026 година беше презентиран денеска во Агенцијата за вработување во Битола. На настанот присуствуваше заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, како и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.
Со Оперативниот план за 2026 година се обезбедени 2,422 милијарди денари, односно 39,3 милиони евра, со кои се предвидува да бидат опфатени 10.352 лица преку активни мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот.
Посебен акцент е ставен на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош, со цел нивно полесно вклучување на пазарот на трудот.
Најголем дел од средствата, 1,377 милијарди денари или 22,3 милиони евра, се наменети за мерката „Поддршка за самовработување“, која и оваа година се реализира преку три јавни повици.
Невработените лица над 29 години ќе можат да добијат до 7.000 евра неповратни средства за започнување сопствен бизнис, при што се предвидени средства за 660 корисници.
За младите до 29 години финансиската поддршка достигнува до 10.000 евра неповратни средства за основање бизнис, а оваа мерка ќе опфати 883 лица.
Дополнително, преку подмерката за самовработување со здружување на две лица, поддршката се движи од 14.000 до 20.000 евра, при што највисокиот износ е наменет за содружници до 29-годишна возраст. За оваа мерка се предвидени средства за 500 лица, од кои 275 се млади до 29 години.
Според информациите презентирани на настанот, интересот во Битола е значителен, а досега се поднесени околу 200 апликации за користење на мерките за самовработување.