„Софија Кочевска – 55 години кариера“: Филмско сведоштво за една музичка легенда

Синоќа, во рамките на „Бит Фест 2026“, во киното „Манаки“ во Битола беше промовиран музичко-документарниот филм „Софија Кочевска – 55 години кариера“, посветен на богатиот творечки пат на една од најпрепознатливите македонски музички уметници.

Филмот е во режија на истакнатиот документарист Шенол Мемиш, а зад камерата и монтажата е Дејан Младеновиќ. Авторите создадоа емотивна филмска приказна за пејачката која повеќе од половина век е дел од македонската музичка сцена.

Премиерата во кино „Манаки“ беше вечер исполнета со емоции, радост и понекоја солза. Публиката имаше можност да го проследи патот на Софија Кочевска – од нејзините први чекори во музиката, детските настапи и фолклорните ангажмани, до големите фестивалски настапи и денешната активност.

„Филмот ја следи кариерата на Софија Кочевска од најмали нозе до денес. Тоа е класичен биографски филм чија цел е да одбележи една богата музичка кариера, без афери и скандали, туку преку уметноста и посветеноста“, вели Шенол Мемиш.

Документарецот е снимен на повеќе локации низ Битола, а за кариерата на Кочевска зборуваат нејзини колеги и почитувачи на нејзиното творештво, меѓу кои Антонијо Димитровски, Петар Георгиев – Калица, Слободан Димитров и Стојан Трајковски.

Софија Кочевска е една од првите македонски пејачки која снимила плоча уште во 1970 година, во време кога тоа било голем успех. Учествувала на речиси сите значајни фестивали на народна и новокомпонирана музика во државата, има добиено повеќе награди и остави значаен белег во македонската музичка култура.

Ова е четврти документарен филм на Мемиш и Младеновиќ. Претходно ги реализираа филмовите „Мојот вујко Стив Наумов“, „Осумдесет години слободна Битола“ и филмот посветен на новинарот Димче Миновски, за кој ја добија наградата „Камера 300“.

Со овој проект тие продолжуваат да ги зачувуваат приказните за луѓето кои оставиле трага во културниот живот на Битола. Зашто луѓето заминуваат, но нивните дела, гласот и спомените остануваат како дел од колективната меморија на еден народ.


1206

Задолжително

Verified by MonsterInsights