ПОДЕМ одбележа 18 години од основањето
Партијата на обединети демократи на Македонија (ПОДЕМ) денес во ресторанот „Лозар“ во Битола го одбележа 18-годишниот јубилеј од своето основање. На настанот присуствуваа основачи, членови, претседатели на општинските организации, претставници на коалициски партии и гости.
Во обраќањето, претседателот на ПОДЕМ, проф. д-р Живко Јанкулоски, направи осврт на развојот на партијата во изминатите 18 години, истакнувајќи дека таа се залага за политики засновани на стручност, одговорност и развој. Тој најави дека претстојниот Петти конгрес ќе биде посветен на нови програмски определби, организациско зајакнување и меѓународна соработка.
На присутните им се обрати и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој го честиташе јубилејот и ја истакна досегашната коалициска соработка меѓу двете партии.
Свеченоста заврши со пригоден коктел, а од ПОДЕМ порачаа дека ќе продолжат со реализација на своите програмски активности и политики.