Божиновска во посета на ХЕ „Глобочица“: Најавена нова фаза од ревитализацијата
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ја посети хидроелектраната „Глобочица“, каде со директорот на Подружница ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, разговараше за производните резултати, тековните инвестиции и идните развојни проекти.
Според информациите презентирани на средбата, хидроелектраната досега реализирала околу 80 проценти од годишно планираното производство, а во првата половина од годинава испорачала 120 GWh електрична енергија, што е за 19 проценти повеќе од планираното.
На средбата беше најавен почетокот на третата фаза од ревитализацијата на ХЕС „Црн Дрим“, која ќе опфати капитални инвестиции во хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“. Предвидена е замена и модернизација на клучната опрема, со цел зголемување на сигурноста, ефикасноста и работниот век на постројките.
Претставени беа и повеќе развојни проекти, меѓу кои „Глобочица 2“, „Шпилје 2“, изградба на пловечка фотонапонска електрана на акумулацијата „Шпилје“ и модернизација на системите за управување.
ХЕ „Глобочица“, пуштена во употреба во 1965 година, досега има произведено над 10.500 GWh електрична енергија, а преку претходните ревитализации нејзината инсталирана моќност е зголемена од 34,5 на 42,5 MW. Во својата изјава, министерката Божиновска оцени дека инвестициите во хидроенергетските капацитети се важни за енергетската стабилност, домашното производство и понатамошната енергетска транзиција на државата.