„Скопје Виа“ вечерва ја носи етно магијата на „Локум фест“ во Битола

Втората фестивалска вечер на јубилејното 20. издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ вечерва, 17 јули, ќе ја исполни Старата битолска чаршија со звуците на етно музиката, џипси џезот и современите балкански ритми. Пред битолската публика ќе настапи „Скопје Виа“, еден од најинтересните нови музички состави на домашната сцена, кој за кратко време привлече големо внимание со својот автентичен музички израз.

Бендот, предводен од актерката Јана Стојановска како вокал, создава препознатлив звук преку спој на традиционалната балканска музика, џипси џезот и модерните урбани влијанија. Минатата година ја промовираше својата прва авторска песна „Под ова небо“, која успешно ги обединува театарската експресија и современиот балкански музички израз. Покрај Стојановска, составот го сочинуваат Мишел Трајковски (хармоника), Хилми Баки (виолина), Никола Петрушевски (кларинет), Влатко Пате (ударни инструменти), Кирил Златановски (контрабас), Ташко Грујоски и Васил Потиров (гитари).

„Локум фест“ годинава одбележува 20 години постоење, останувајќи доследен на својата мисија да ги поврзува музиката, традицијата и различните култури. Фестивалот се одржува на јавни простори, е дел од програмата „Бит фест 2026“ и претставува проект од национално значење, поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Битола.


1163

Задолжително

Verified by MonsterInsights