Локум фест 2026 ја оживеа душата на битолската чаршија
Битолската чаршија повторно заживеа во ритамот на традицијата, современата музика и културната размена. Со јубилејното 20-то издание, Локум фест 2026 понуди незаборавна музичка вечер со настапите на етно проектот „Кафе Де Анатолија“, Били Естебан, Александар Јовевски, севдах бендот „Диванхана“ од Сараево и завршниот DJ сет на Били Естебан.
Фестивалот, кој пред две децении токму од битолската чаршија ја започна својата приказна, со оваа програма ѝ се оддолжи на средината која со години ја носи неговата енергија и дух. „Кога гледате радосни лица кои играат и се веселат, знаете дека мисијата е успешна“, порача организаторот, упатувајќи благодарност до сите кои придонесоа за реализацијата на фестивалот – од чаршиските дуќанџии и техничките тимови, до Општина Битола, Бит фест и Министерството за култура и туризам.
„Кафе Де Анатолија“ ја разигра публиката со својот препознатлив спој на органик хаус музика и етно елементи, создавајќи мост меѓу традиционалните звуци и современите музички изрази. Во настапот се вклучи и Габриела Новевска, вокалистка на македонска традиционална музика и член на ансамблот „Танец“, која порача дека сопственото културно наследство мора да се чува и промовира.
Вечерта продолжи со „Divanhana“, една од најпознатите балкански етно групи, која преку современа интерпретација на босанската севдалинка ја воодушеви публиката. Нивната музика, инспирирана од џезот, класичната и светската сцена, уште еднаш покажа дека традицијата може да живее и во нови форми.
Од 16 до 18 јули, Локум фест 2026 ја потврди својата мисија – да ја чува автентичната музика и да ги поврзува луѓето и културите. Фестивалот остана верен на својот препознатлив концепт, нудејќи уникатен спој на етно наследство, современи изрази и музика без граници.