Продолжуваат активностите за изградба на нов објект кај црквата „Св. Спас“ над Маловишта

Со висок интензитет и во текот на изминатиот викенд продолжија работните активности за изградба на новиот објект во непосредна близина на црквата „Св. Спас“, која се наоѓа на надморска височина од 1886 метри над село Маловишта.

Поради специфичната местоположба и тешко пристапниот терен, транспортот на потребните материјали и алати беше реализиран со помош на коњи. По едночасовното пешачење до локацијата, започнаа планираните градежни активности.

Во текот на викендот беше поставена дрвената рамковна конструкција на новиот објект, а природниот камен од околината беше искористен за подготовка, уредување и нивелирање на подот.

Организаторите упатуваат голема благодарност до сите правни и физички лица кои доброволно се вклучија во досегашните активности и со својот ангажман покажаа дека со посветеност, љубов и конкретни дела се придонесува за зачувување и унапредување на природното и културното наследство на Битола и Пелистер.

Проектот продолжува со реализација и во наредните викенди, а иницијаторите нагласуваат дека грижата за Пелистер и за создавање на места кои ќе служат на граѓаните и посетителите е заедничка одговорност.

„Пелистер е нашиот симбол на обединување“ – порака која ги обединува сите учесници во оваа иницијатива.


1124

Задолжително

Verified by MonsterInsights