Собор на Свети Архангел Гаврил – 26 јули, празник на Божјиот благовесник
Денеска православните верници го празнуваат Соборoт на Свети Архангел Гаврил, празник меѓу народот познат и како Летен Архангел. Овој голем празник е посветен на еден од најпочитуваните Божји гласници, кој во историјата на спасението ја пренел најрадосната вест – Благовештението за раѓањето на Господ Исус Христос.
Името Гаврил значи „Сила Божја“. Свети Архангел Гаврил, заедно со Архангел Михаил, се смета за еден од највозвишените ангелски чинови. Во православното предание се поврзува со чинот на серафимите, кои според учењето на Црквата се најблиску до Божјиот престол. За неговата близина до Бога сведочат и зборовите што му ги упатил на свештеникот Захарија: „Јас сум Гаврил, кој стои пред Бога“ (Лука 1:19).
Свети Архангел Гаврил е најпознат како Божји благовесник, оној што на Пресвета Богородица ѝ ја соопштил најголемата тајна на христијанската вера – дека ќе го зачне и роди Спасителот, Господ Исус Христос. Поради ова негово јавување, тој е неразделно поврзан со празникот Благовештение, но Црквата го празнува и на 26 јули, кога се одбележуваат неговите многубројни јавувања и чуда.
Според Светото Писмо и православното предание, Архангел Гаврил им се јавувал на многу Божји избраници. На пророкот Даниил му ги открил тајните за идните настани и доаѓањето на Месијата. На Мојсеј му ги соопштил тајните за создавањето на светот, кои подоцна биле запишани во Книгата Битие. На Светите Јоаким и Ана им ја благовестил радосната вест дека ќе ја добијат ќерката Марија, која ќе стане Мајка на Спасителот.
Архангелот Гаврил му се јавил и на свештеникот Захарија, најавувајќи го раѓањето на Свети Јован Крстител. Му се јавил на праведниот Јосиф, на витлеемските пастири при Христовото раѓање, го укрепувал Господ Исус Христос пред Неговите страдања во Гетсиманската градина, а по Воскресението им се јавил и на жените Мироносици кај Христовиот гроб.
Народни верувања и обичаи
Во македонската народна традиција, празникот Свети Архангел Гаврил се поврзува со добрина, милосрдие и споделување. Се верува дека на овој ден треба да се одмори и дека не треба да се работи за лична корист или заработка, туку денот да се посвети на молитва, помош и добри дела.
Народното верување вели дека ова е празник на споделувањето – дека треба да се помогне на блиските, да се подели она што го имаме и да се направи добро дело, бидејќи добрината и несебичноста се сметаат за најголема почит кон светиот Божји гласник.
Именден празнуваат лицата со имињата Гаврил и Габриела.
Потекло на празникот
Се смета дека празнувањето на Соборот на Свети Архангел Гаврил најпрво било востановено на Света Гора во IX век, за време на царевите Василиј и Константин Порфирородните и патријархот Никола Хрисоверг.
Празникот се поврзува со чудесното јавување на архангелот во една келија близу Кареја, каде што, според преданието, со прст на камен ја испишал песната посветена на Пресвета Богородица „Достојно ест“. Поради овој настан, келијата и денес го носи името „Достојно ест“.
Во некои преданија Архангел Гаврил се споменува и како Божји гласник кој ги објавува важните моменти во историјата на спасението. Подоцнежните толкувања го поврзуваат и со ангелот од Откровението кој дува во трубата како најава за последните времиња.
Архангел Гаврил – дел од македонското културно наследство
Во Македонија се наоѓа едно од најпознатите ликовни претставувања на Свети Архангел Гаврил – прочуената фреска „Синиот Ангел“ во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, изградена во XII век, во 1191 година.
Ова ремек-дело на средновековното византиско сликарство, според мислењата на бројни историчари на уметноста, претставува еден од најзначајните дострели на европската уметност и често се смета за претходник на подоцнежната европска ренесанса, векови пред големите италијански мајстори како Џото и Фра Анџелико.
Во православната иконографија, Свети Архангел Гаврил најчесто е претставен со бел крин, симбол на Благовештението и чистотата, или со рајска гранка, како знак на неговите јавувања поврзани со Пресвета Богородица.
На овој свет ден, верниците се собираат во храмовите на молитва и благодарност, а во многу македонски места се одржуваат храмови слави и народни собири во чест на Божјиот благовесник – Свети Архангел Гаврил.