Orion 3: битолска иновација што го менува начинот на кој работат хотелите
1. Од каде произлезе идејата за овој дел од системот за управување со хигиената и статусот на собите?
Идејата произлезе од разговори со хотелски менаџери кои секојдневно се соочуваат со предизвици во координацијата меѓу рецепцијата и хигиенската служба. Забележавме дека со едноставно технолошко решение може значително да се забрза целиот процес и да се подобри услугата за гостите. На пример, кога гостин ќе пристигне во 8 или 9 часот наутро, а редовното пријавување е во 15 часот, вообичаено го остава багажот и чека. Често собата е подготвена и порано, но информацијата не стигнува навреме до рецепцијата и до гостинот. Токму тука нашиот систем ја поврзува хигиенската служба, рецепцијата и гостинот во еден брз и јасен процес.
2. Како функционира системот и кои се неговите најголеми предности?
Со едно притискање на копче, персоналот означува дека собата треба да се исчисти, а по завршувањето веднаш го ажурира нејзиниот статус. Рецепцијата во реално време гледа кои соби се слободни, зафатени, подготвени или имаат активирано „Не вознемирувај“. Ако собата е подготвена порано, гостинот автоматски може да добие СМС-порака или е-пошта дека може да се смести. Резултатот е побрза комуникација, помалку грешки и подобро искуство за гостите. Хотелот работи поорганизирано, персоналот навреме ги добива информациите, а задоволниот гостин почесто остава позитивна оценка и рецензија.


3. По што се разликува Orion 3 од другите решенија на пазарот?
На пазарот има решенија што покриваат само еден дел од хотелското работење — на пример, само контрола на пристап или само софтвер за резервации. Orion 3 ги обединува системот за управување со хотелот, резервациите, дигиталниот пристап, статусот на собите и комуникацијата со гостите во една целина. Решението е едноставно за користење и се приспособува на секојдневната работа на хотелот, без персоналот да мора да користи повеќе одделни системи. Фокусот ни е технологијата да биде практична, достапна и навистина корисна во реални услови.
4. Какви се реакциите од хотелите што веќе го користат?
Реакциите се многу позитивни. Хотелите најчесто истакнуваат подобра организација, побрза подготовка на собите и поголемо задоволство кај гостите. Недостигот од работна сила е сериозен проблем и во хотелскиот сектор, па автоматизацијата им помага на сопствениците подобро да го искористат постојниот тим. Кај дел од објектите во кои е воведен системот, работа за која претходно биле потребни околу пет лица на рецепција сега може да се организира со едно до две лица, зависно од големината и начинот на работа на хотелот.
Orion 3 може да го автоматизира процесот од резервација и пријавување до одјавување, па технички е можно хотелот да работи и без класична рецепција. Сепак, повеќето хотели во регионот сè уште сакаат да го задржат човечкиот пречек. Нашата цел не е да ја отстраниме гостопримливоста, туку да ја намалиме административната работа, за персоналот да има повеќе време за гостите. Воедно, хотелот полесно се справува со недостигот од кадар и ги намалува оперативните трошоци.

5. Колку поддршката од ПРЕДА Плус беше важна за развојот на вашиот стартап?
Поддршката од ПРЕДА Плус беше клучна за побрзо да ја претвориме идејата во минимално одржлив производ (MVP). Покрај финансиската поддршка, добивме менторство, обуки и можност да ја тестираме идејата, да ги препознаеме реалните потреби на пазарот и да создадеме производ што денес успешно им го нудиме на хотелите. Програмата се викаше „И од Битола се можи“, а нашето искуство навистина покажа дека од Битола може да се создаде иновативен производ со потенцијал и надвор од домашниот пазар.

6. Дали планирате проширување на производот и настап на странски пазари?
Да. Веќе работиме на нови функционалности и разговараме со потенцијални партнери. Целта ни е Orion 3 да биде достапен за што повеќе хотели во регионот и пошироко, со можност системот да се приспособи на различни типови и големини на сместувачки објекти.
7. Вашиот производ е „сè во едно“. Дали е можно да се заштити и каков е статусот на интелектуалната сопственост?
Интелектуалната сопственост е важен дел од нашата стратегија. Веќе имаме регистрирани трговски марки за брендот Orion 3 и за компанијата Simple Mobile Solutions, а неодамна добивме и исправа за патент за производот. На тој начин ги заштитуваме брендот, технолошкото решение и вложувањето во неговиот развој.
8. Што би им порачале на младите кои сакаат да започнат сопствен иновативен бизнис?
Да не се плашат да ја тестираат и да ја реализираат својата идеја. Не е потребно уште на почетокот сè да биде совршено — важно е да се разговара со идните корисници, да се учи од повратните информации и постојано да се подобрува производот. Со упорност, континуирано учење и правилно искористување на програмите за поддршка, една добра идеја може да прерасне во одржлив и успешен бизнис.
9. Денес живееме во ера на брз развој на вештачката интелигенција. Дали ја користите и во кои сегменти?
Апсолутно. Вештачката интелигенција ја користиме во повеќе сегменти — при развој на нови функционалности, подобрување на постојните решенија и во самиот процес на управување со резервациите. Една од нејзините најважни примени е паметната распределба на резервациите и оптимизацијата на хотелскиот капацитет.
Кај хотел со 30 или 40 соби, рачната распределба одзема многу време и лесно може да создаде непотребни празнини меѓу две резервации. Системот ги анализира датумите, типовите соби и расположливиот капацитет, а потоа предлага распределба со која се намалуваат празните денови и се зголемува бројот на продадени ноќевања. Во досегашните тестирања и конкретни хотелски конфигурации, кај примери со претходна искористеност од околу 80–85 проценти, оптимизираната распределба достигна и до 94 проценти. Тоа не е универзална гаранција, бидејќи резултатот зависи од побарувачката и структурата на резервациите, но јасно покажува колкав потенцијал има паметната автоматизација.