Коњановски: Младите се двигател на промените, Општина Битола го зајакнува нивното учество во одлучувањето
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска се обрати на завршниот мултипликативен настан во рамките на Еразмус+ проектот „GivEUvoice – Остварување на гласовите на младите низ европските простори“, финансиран од Европската Унија.
Проектот има за цел да го зајакне учеството на младите во процесите на донесување одлуки, да поттикне соработка помеѓу младите, граѓанските организации и локалната самоуправа, и да придонесе кон развој на младинските политики во периферните региони на Европа.
Во своето обраќање, градоначалникот истакна дека младите се вистински двигател на промените, нагласувајќи дека нивните идеи, енергија и труд имаат исклучителна вредност. „Верувајте во себе, поддржувајте се меѓусебно и не се откажувајте при првата пречка“, порача тој, потсетувајќи дека Локалниот младински совет во Битола активно ги следи сите процеси и заедно со локалната самоуправа ги креира политиките што ги засегаат младите.
Дополнително, со поддршка на Општината функционира и Младинскиот центар, со кој раководат неколку невладини организации, нудејќи простор за активација, информирање и едукација. Како потврда на овие заложби, Општина Битола потпиша и меморандум за соработка со „СФЕРА Интернешнал“, со што се унапредува младинското учество и се гради одржлив развој на локалните младински политики.