Битола повторно во ритамот на фолклорот: Отворени 56-те „Илинденски денови“

Со традиционалното фолклорно дефиле низ Широк Сокак и свечена програма на платото пред Офицерскиот дом, вечерва во Битола беше отворено 56-то издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.

Стотици учесници од Македонија и од странство продефилираа низ центарот на градот, носејќи ја енергијата на народната музика, играта и традиционалните носии.

Свеченото отворање продолжи со настапот на КУД „Илинден“ од Битола, кое ја изведе „Комитската легенда“, со што започнаа фестивалските вечери.

Директорот на Центарот за култура Битола, Сашо Илковски, порача дека „Илинденски денови“ повеќе од пет децении е место каде традицијата не е само дел од минатото, туку жива вредност која се негува и пренесува од генерација на генерација.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека градот веќе две недели живее во знакот на фолклорот, традицијата, културата и уметноста, нагласувајќи дека годинашното издание под мотото „Точка на поврзување“ го потврдува меѓународниот карактер на фестивалот.

„Илинденски денови“ годинава носи рекордна програма со 77 настани, над 1300 учесници и седум концерти на македонски уметници, а фестивалските содржини ќе траат 18 дена.

Фестивалот официјално го прогласи за отворен потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која посочи дека преку оваа манифестација Битола пред светот го претставува автентичниот македонски фолклор, традицијата и културното наследство.

На 56-то издание настапуваат 34 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска.

Со најдолгото издание во својата историја, „Илинденски денови“ уште еднаш ја потврдува Битола како место каде културите се среќаваат, традицијата се живее, а фолклорот станува мост меѓу народите.


1252

Задолжително

Verified by MonsterInsights