Продолжува изградбата на спортски игралишта во битолските училишта
Со забрзана динамика продолжува реализацијата на проектот за изградба на нови спортски игралишта во основните училишта во Битола.
Во ОУ „Гоце Делчев“ денеска беше извршен увид во градежните активности, каде е во тек асфалтирањето на спортските терени. Според информациите од градоначалникот, проектот опфаќа асфалтирање на вкупна површина од 2.700 квадратни метри, а двата спортски терени ќе бидат со тартан подлога.
Предвидена е изградба на две повеќенаменски игралишта – едното за мал фудбал и ракомет, а другото за кошарка. Терените ќе бидат оградени, осветлени и опремени со спортски реквизити и урбана опрема.
Вкупната вредност на проектот изнесува 14.280.422 денари.
Во рамките на увидот беа посетени и терените во ОУ „Даме Груев“, каде деновиве заврши асфалтирањето. Активностите продолжуваат со уредување на спортските површини и околниот простор до целосно завршување на проектот.