Одбележување 55 Семакедонска средба на Илинден во Трново

Манифестацијата ќе се одржи во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ и се очекува да собере Македонци од татковината, иселеништвото и од сите делови на етничка Македонија. Настанот повеќе од пет децении претставува симбол на единството, традицијата и духовната поврзаност на Македонците ширум светот.

Организатори на Семакедонската средба се Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“ и Светскиот Македонски Конгрес, со поддршка од Општина Битола.

Според програмата, од 7:30 до 10:30 часот во храмот ќе се одржи света богослужба, на која ќе можат да присуствуваат сите верници. Свечениот дел на Семакедонската средба ќе започне во 10:30 часот и ќе трае до 12:30 часот, по што ќе следува традиционална сенародна веселба и богата културно-уметничка програма.

Организаторите упатуваат покана до сите граѓани, иселеници и добронамерници да бидат дел од оваа значајна илинденска манифестација, која и годинава ќе испрати силна порака за единство, зачувување на историското наследство и негување на македонскиот национален идентитет.

Организиран превоз до Трново

За потребите на посетителите, обезбеден е бесплатен автобуски превоз од повеќе локации во Битола и околните населени места. Распоредот на тргнување е следниов:

Автобус број 1
– 09:15 часот – Кукуречани (пред продавници)
– 09:30 часот – Горно Оризари (стадион)

Автобус број 2
– 09:15 часот – с. Бистрица (село)
– 09:30 часот – Буковски Ливади (постојка)

Автобуси број 3 и 4
– 09:10 часот – Ат Пазар (постојка)
– 09:20 часот – Карпош (Св. Тома – постојка)
– 09:30 часот – Ракометно (постојка)
– 09:40 часот – Симпо (постојка)
– 09:50 часот – Болница (постојка)
– 10:00 часот – Довлеџик (пред Јосифов – постојка)

Автобуси број 5 и 6
– 09:10 часот – Бела Чешма
– 09:20 часот – Шехерзада (постојка)
– 09:30 часот – Црн Мост
– 09:40 часот – Веро (постојка)
– 09:50 часот – Маркет Анџела (Брусничка)

Од организаторите наведуваат дека сите автобуси ќе пристигнат во Трново пред почетокот на програмата и ги молат патниците да пристигнат на постојките неколку минути пред предвиденото време за тргнување.

Семакедонската средба во Трново останува симбол на собраноста и македонскиот дух, а в годинава, со 55-тото издание, таа повторно ќе го потврди своето место во културниот календар на земјата.


1215

Задолжително

Verified by MonsterInsights