Семакедонска иселеничка средба во Трново: Пораки за единство, идентитет и зачувување на илинденските идеали
На големиот христијански и национален празник Илинден, во дворот на храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново се одржа 55. Семакедонска иселеничка средба, која и годинава обедини Македонци од татковината и дијаспората.
Традиционалната манифестација беше организирана од Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.
Свеченоста започна со архиерејска богослужба во храмот „Успение на Пресвета Богородица“, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство г. Петар, митрополит Преспанско-пелагониски. Македонската химна „Денес над Македонија“ ја изведе оперскиот пејач Никола Зачевски, по што митрополитот Петар ја благослови средбата.
Во своето обраќање, митрополитот Петар упати силна порака за национално единство, меѓусебно простување и зачувување на македонскиот идентитет, јазик, култура и духовни вредности. Тој ги повика Македонците, без разлика каде живеат, да останат обединети околу заедничките национални идеали.
На присутните им се обратија и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Џо Петрески, претседателот на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Македон Александар Јаневски и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.
Во име на Матицата на иселениците од Македонија се обрати проф. д-р Васил Тоциновски, кој потсети на историското значење на Илинденското востание и АСНОМ како темели на современата македонска државност. Тој истакна дека македонскиот народ треба да ги чува сопствениот идентитет, јазик и културно наследство, како најголеми национални вредности.
Претседателот на Матицата на иселениците од Македонија, Иван Џо Петрески, нагласи дека годинава се одбележуваат 75 години од формирањето на Матицата – институција која повеќе од седум децении ги поврзува Македонците ширум светот со нивната татковина.
Од 55. Семакедонска иселеничка средба беа испратени пораки за зачувување на илинденските и асномските идеали, за национално единство и за негување на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција.
Свеченоста беше збогатена со културно-уметничка програма во која настапија КУД „Гоце Делчев“ од Битола и Вокалниот оркестар за староградска музика од Битола, кои со македонски песни и ора придонесоа за достоинствено одбележување на оваа долгогодишна традиција.