Герила акција со „паметна канта што зборува“ ги поттикна битолчани на поголема грижа за животната средина

Во рамките на активностите за подигање на јавната свест за заштита на животната средина, Здружението за меѓународна младинска соработка ИНТЕРАКТИВ – Битола реализираше герила акција на градското шеталиште во Битола со поставување на „паметна канта за отпадоци што зборува“.

Преку интерактивни пораки и директна комуникација со минувачите, паметната канта ги поттикнуваше граѓаните правилно да го одлагаат отпадот и да размислат за сопствената улога во зачувувањето на чиста и здрава животна средина. Акцијата привлече голем интерес кај граѓаните од различни возрасти, кои со љубопитност ја следеа необичната инсталација и активно се вклучуваа во нејзината едукативна порака.

Целта на герила акцијата беше да се поттикнат одговорни навики кај граѓаните, да се зголеми свеста за правилното управување со отпадот и да се покаже дека секој поединец може да придонесе за создавање почиста, поуредена и позелена Битола.

Активноста се надоврзува на мерките предвидени во Програмата за животна средина на Општина Битола за 2026 година, која опфаќа активности и инвестиции за подобрување на квалитетот на животната средина, меѓу кои изработка на Стратегија за развој на зеленилото со буџет од 1.500.000 денари, како и поставување подземни садови за комунален отпад со обезбедени 3.000.000 денари.

Со комбинација на едукативни активности, активно учество на граѓаните и реализација на локални мерки, Битола има можност да се развива како почист, позелен и поодржлив град.

Герила акцијата е реализирана во рамките на швајцарскиот проект „Програма за поддршка на изборите“, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Содржината и ставовите изнесени во оваа објава се одговорност на авторите и не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија или на ИФЕС.


1182

Задолжително

Verified by MonsterInsights