Општина Могила инвестира 24,8 милиони денари во енергетска ефикасност на три јавни објекти
Општина Могила започнува реализација на значаен проект за подобрување на енергетската ефикасност на три јавни објекти – спортската сала „Иљо Лопатички“ во Могила, Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во село Добрушево и Основното училиште „Кочо Рацин“ во село Ивањевци.
Проектот предвидува сеопфатни градежни и енергетски зафати кои ќе придонесат за намалување на потрошувачката на енергија, подобрување на условите за престој и работа, како и намалување на трошоците за функционирање на јавните установи.
Во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Добрушево ќе бидат изведени нова енергетски ефикасна фасада со топлинска изолација, целосна реконструкција на покривот, замена на дрвената со ПВЦ столарија, поставување нов систем за одведување на атмосферските води, изведба на спуштен плафон со топлинска изолација, инсталирање нов котел на пелети со комплетен систем за греење, молерисување на просториите и поставување фотонапонска електроцентрала.
Во ООУ „Кочо Рацин“ во Ивањевци ќе се реализираат нова фасада со топлинска изолација, замена на столаријата со ПВЦ, поставување спуштен плафон со топлинска изолација, нов котел на нафта и систем за греење, нова електрична инсталација, малтерисување и бојадисување на просториите, како и поставување фотонапонска електроцентрала.
Во спортската сала „Иљо Лопатички“ во Могила е предвидена доградба на нова котлара, изведба на нов топловоден приклучок, поставување автоматски котел на биомаса (пелети), резервоар за пелети и нов оџак, нова внатрешна грејна инсталација со радијатори и грејни тела, замена на дел од постојната опрема за греење, модернизација на осветлувањето и поставување фотонапонска електроцентрала.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 24,8 милиони денари. Со реализацијата на проектот се очекуваат значителни заштеди на електрична енергија, намалување на трошоците за работа на јавните институции и подобрување на условите за учениците, наставниот кадар и сите корисници на објектите.
Проектот претставува уште еден чекор во насока на создавање поенергетски ефикасна, зелена и одржлива Општина Могила.