Историски момент за македонската железница: По децении чекање, пругата кон Бугарија влегува во реализација
Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија се обезбедени 149 милиони евра грант за изградба на третата делница од источниот крак на железничкиот Коридор 8, а почетокот на работите на терен се очекува во текот на оваа година.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информираше дека во тек е постапката за избор на изведувач, при што се очекува тендерот да заврши наесен.
„Есенва е предвидено да се избере изведувач и веднаш потоа да се почне со работа. Активен е и тендерот за избор на надзор, кој се одвива во две фази – предквалификација и квалификација, додека тендерот за градба ќе биде во една фаза“, изјави Николоски.
Станува збор за делницата Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, која е клучен сегмент од источниот крак на Коридорот 8 и треба да обезбеди железничко поврзување со Бугарија.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека изминатите две години биле посветени на оптимизација и создавање функционална целина од проектот.
„Проектот нема да заврши на половина тунел, во слепо. Сега имаме целина“, порача Мицкоски, додавајќи дека претходниот концепт не обезбедувал јасна гаранција за продолжување на трасата од бугарска страна.
Според него, со постигнатиот напредок во разговорите со источниот сосед, потпишаните договори и заложбите од двете страни, се создадени услови за целосно поврзување на коридорот.
Коридорот 8 има стратешко значење бидејќи ги поврзува Јадранското и Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија и е дел од европската транспортна мрежа. Според претставниците на ЕУ, проектот ќе придонесе за поголема мобилност, развој на трговијата, економски раст и зголемување на конкурентноста на регионот.
„Оваа врска ќе ја зголеми отпорноста на Северна Македонија, регионот и континентот, ќе обезбеди поголема мобилност за бизнисот и ќе отвори нови можности“, изјави Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје.
На потпишувањето на договорите во Владата присуствуваа високи претставници на Владата, Европската Унија, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и „Железници – Инфраструктура“.
Од Европската инвестициска банка оценија дека потпишувањето претставува значајна пресвртница, со која се отвора патот за објавување на тендерот за градежните работи и продолжување на реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во земјата.
Со изградбата на оваа делница, источниот крак на Коридорот 8 се приближува кон целосна реализација, обезбедувајќи стратешко железничко поврзување на Северна Македонија со европските транспортни коридори.