Од понеделник започнува изградбата на паркингот кај „Ат Пазар“, граѓаните да ги дислоцираат возилата
Од понеделник, 10 август, официјално започнуваат градежните активности за изградба на нов паркинг простор кај „Ат Пазар“ во Битола. По извршениот вовед во работа, на терен веќе се реализираат подготвителните активности, а во наредните денови ќе започне изведбата на градежните работи.
Од Општина Битола апелираат до жителите од овој дел на градот, како и до сите граѓани кои секојдневно го користат просторот каде што ќе се гради паркингот, навремено да ги дислоцираат своите возила. Со тоа ќе се овозможи непречено одвивање на градежните работи и побрза реализација на проектот.
Во текот на изведбата можни се повремени ограничувања во движењето и пристапот до дел од просторот, поради што од надлежните бараат разбирање и трпение од граѓаните додека трае изградбата.
Проектот се реализира со средства обезбедени преку вториот владин повик, преку Министерството за транспорт. Освен изградба на паркинг-просторот, предвидена е и комплетна инфраструктурна доработка на локацијата, која опфаќа изградба на коловоз, атмосферска канализација, улично осветлување и сообраќајна инфраструктура.
Со реализацијата на овој проект се очекува да се подобрат условите за паркирање во овој дел од градот, да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се уреди просторот кај „Ат Пазар“, кој подолг период има потреба од ваков инфраструктурен зафат.