Битола добива нов фестивал: „Битолски Чалгиски Денови“ ќе ја оживеат Старата чаршија
Битолското културно лето БИТ ФЕСТ годинава добива нова манифестација посветена на еден од најпрепознатливите симболи на градот – чалгијата. Од 14 до 16 август, во организација на Културно-информативниот центар (КИЦ), ќе се одржат првите „Битолски Чалгиски Денови“, фестивал посветен исклучиво на оваа автентична музичка традиција.
Чалгијата со децении е нераскинлив дел од културниот идентитет на Битола. Нејзиниот препознатлив звук е создаван под влијание на музичките центри како Истанбул, Солун, Дамаск, Виена и Париз, а низ годините станал заштитен белег на градот и неговиот боемски дух.
За време на фестивалот, Старата битолска чаршија ќе се претвори во жива сцена што ќе го долови некогашниот градски амбиент. Во вечерните часови ќе се одржуваат концерти на главната сцена, додека преку ден низ чаршијата ќе се движат седум пајтони со мали чалгиски состави. Повеќе чалгиски оркестри ќе настапуваат на различни локации, создавајќи автентична атмосфера.
Свеченото отворање ќе биде означено со дефиле од Офицерскиот дом до Старата чаршија, во кое ќе учествуваат седум пајтони со музичари и околу сто статисти облечени во староградски носии. Во централниот дел на чаршијата ќе биде поставен и угостителски простор со традиционални кафеани.
На 15 август ќе настапат Оливер Јосифовски и неговите пријатели, кога ќе биде промовиран и новиот албум „Песни од Офицерски“. Ден претходно ќе настапи Битолскиот чалгиски оркестар, а фестивалот ќе заврши на 16 август со утринскиот концерт „На кафе со чалгиите“ на Тумбе Кафе.
Со „Битолски Чалгиски Денови“, Битола добива нов културен настан кој има за цел да ја зачува и промовира богатата чалгиска традиција и да го оживее духот на старата битолска чаршија.