Општина Битола најавува вонредно прскање против комарци кон крајот на август
Општина Битола објави дека ќе спроведе дополнителна, вонредна дезинсекција против комарци на целата своја територија. Одлуката доаѓа откако на дел од Скопје беше прогласена епидемија на Западнонилска треска, а стручните лица предупредуваат дека комарците претставуваат директен вектор на ова опасно заболување.
Според информациите од Центарот за јавно здравје – Битола, заклучно со 9 август 2026 година се веќе реализирани три ларвицидни и три адултицидни дезинсекции предвидени со редовниот план. Сепак, зголемениот епидемиолошки ризик и поволните услови за размножување на комарците наложија преземање дополнителни мерки.
Вонредната ларвицидна дезинсекција е закажана за 19 август, додека адултицидниот третман против возрасните комарци ќе трае од 23 до 27 август, во зависност од теренските услови.
Од Општината нагласуваат дека станува збор за превентивна мерка чија цел е дополнително намалување на популацијата комарци и минимизирање на ризикот од пренос на Западнонилска треска.
Истовремено, од локалната самоуправа апелираат до граѓаните да ја отстранат застојаната вода од дворовите, терасите и саксиите, да постават заштитни мрежи на прозорците и да се придржуваат до мерките за лична заштита од убоди.
Општина Битола и Центарот за јавно здравје продолжуваат да ја следат состојбата и најавуваат нови мерки доколку стручната проценка на ризикот тоа го наложи.