ПО 33 ЧАСА БОРБА ИЗГАСНАТИ ПОДМЕТНАТИТЕ ПОЖАРИ ВО БИТОЛСКО

По повеќе од 33 часа непрекината работа на терен, пожарникарите на ТППЕ Битола целосно ги изгаснаа пожарите што на 12 август ја зафатија територијата на општините Битола, Могила и Новаци. Интервенцијата заврши на 14 август во 01:00 часот по полноќ.

Огнот прво избувна во Маково, а потоа се прошири кон Граешница, Кукуречани, месноста Ергела и Гнеотино. Најтешка и најнеизвесна беше борбата за спасување на селата Ивањевци, Новоселани и Лознани, каде пламените јазици директно им се закануваа на домовите. Целосно е изгаснат и пожарот во Лопатица.

Во текот на ноќта, исцрпените битолски екипи добија неопходна поддршка од ТППЕ Кавадарци, тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување со четири возила „пинцгауер”, како и од месното население. Во Маково пожарот е локализиран, но поради присуство на неексплодирани убојни средства од Првата светска војна на непристапен терен, сè уште е забележлив чад и пристапот е оневозможен.

Од ТППЕ Битола информираа дека станува збор за намерно подметнати пожари кои претставувале огромна закана. Општина Битола им се заблагодари на сите ангажирани служби и волонтери за нивната храброст и професионалност, нагласувајќи дека само со навремена реакција е спречена катастрофа.

Надлежните упатија строг апел до граѓаните да не палат оган на отворено и да се однесуваат одговорно, за да се спречат нови вакви опасни состојби.


1109

Задолжително

Verified by MonsterInsights