Ноќна драма на Пелистер – вооружени лица лоцирани на над 2.000 метри
Ноќна акција за пронаоѓање на вооружени лица се одвивала во НП „Пелистер“, откако на 12 август биле добиени информации дека лица со огнено оружје навлегле длабоко во заштитеното подрачје.
По 19 часот, Ренџерската служба на НП „Пелистер“, предводена од директорот Иванчо Тошевски, во соработка со СВР Битола, започнала потрага. Во акцијата биле вклучени две патроли на Националниот парк, потпомогнати од полициски службеници.
Патролните тимови се движеле независно, по исклучително тежок терен на над 2.000 метри надморска височина – едната патрола од правец на село Велушина, а другата од Инфоцентарот.
По повеќе од три часа пешачење, околу 23:30 часот, вооружените лица биле лоцирани во близина на локалитетот Голема Грива, во зоната на строга заштита.
Од тој момент со акцијата раководеле полициските службеници. Потрагата завршила во 4 часот на 13 август, кога лицата биле спроведени во полициска станица.
Од НП „Пелистер“ велат дека соработката со СВР Битола е континуирана и дека ваквите активности се од особено значење за заштитата на природата.
Од установата предупредуваат дека тешко пристапниот терен и пропаднатата инфраструктура дополнително ја отежнуваат контролата. Воедно, најавуваат активности за обновување на шумските патишта, кои се важни за патролирање и противпожарна заштита.