БИТОЛА ВО НЕДЕЛА ТРЧА! – Над 1.500 тркачи од 18 земји

Битола во недела ќе биде домаќин на осмото издание на спортската манифестација „Трчај бе 2026“, која годинава ќе се одржи заедно со Националното првенство во полумаратон.

На 13 септември, од 07:00 до 12:00 часот, во градот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради одржувањето на трката. На стартот се очекуваат повеќе од 1.500 тркачи од 18 земји, а за првпат во Битола ќе настапат и натпреварувачи од Кенија.

Стартот и целта на трката ќе бидат на булевар „1-ви Мај“, во близина на Саат Кула. Трасата ќе минува низ повеќе градски сообраќајници, поради што возачите во недела наутро ќе треба да ги користат предвидените алтернативни правци.

Посебниот режим ќе ги опфати делови од бул. „1-ви Мај“, „Генерал Васко Карангелевски“, „11-та Македонска Дивизија“, „Филип II Македонски“, „Батаљон Стив Наумов“, „Прилепска“, „4-ти Ноември“, „Солунска“ и „Широк Сокак“.

Од СВР Битола апелираат граѓаните навреме да ги ослободат паркинг-местата кај плоштад „Магнолија“ и Саат Кула, како и на улицата „Солунска“ кај Широк Сокак.

Улицата „Довлеџик“ која води кон Вила Молика ќе остане слободна, а сообраќајот ќе биде регулиран од полициски службеници.

Организаторите очекуваат „Трчај бе“ и годинава да привлече голем број посетители во Битола. Покрај учесниците, во градот пристигнуваат и нивните семејства, пријатели и навивачи, што дополнително придонесува за туристичката и економската активност во текот на викендот.

Манифестацијата, која започна пред осум години, прераснува во еден од позначајните спортски настани во градот и придонесува за промоција на Битола како дестинација за спортски туризам.

Од организаторите упатуваат апел до граѓаните за разбирање и трпение поради привремените измени во сообраќајот, но и за поддршка на учесниците кои во недела ќе трчаат низ улиците на Битола.

Битола во недела ќе биде во знакот на спортот, трчањето и гостопримството.


1073

Задолжително

Verified by MonsterInsights