Во Новаци одржан Progress Meeting во рамки на проектот TOUR-HUB
Во Општина Новаци се одржа Progress Meeting во рамки на проектот TOUR-HUB – „Digital Enhancement of Cultural Heritage and Tourism“, посветен на унапредување на културното наследство и туристичкиот потенцијал преку дигитални алатки и прекугранична соработка.
На состанокот присуствуваа градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, градоначалникот на Општина Алмопија, Николаос Парутоглу, како и претставници на општинските администрации на Новаци, Алмопија и Едеса и партнерската организација „Семак“.
Во рамки на средбата беа презентирани досегашните активности и постигнатите резултати од проектот, а партнерите разменија искуства и ги разгледаа следните чекори за неговата успешна имплементација. Посебно внимание беше посветено на дигитализацијата на културното наследство, развојот на одржливиот туризам и создавањето нови туристички содржини и искуства.
Проектот TOUR-HUB се реализира во рамки на Interreg VI-A IPA CBC „GR–MK 2021–2027“, Програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Северна Македонија, со кофинансирање од Европската Унија и националните средства на земјите учеснички.
Целта е преку заеднички активности да се промовира природното, културното и историското наследство на прекуграничниот регион, да се развиваат нови туристички производи и рути и да се создадат поатрактивни и одржливи туристички дестинации.
Средбата во Новаци уште еднаш ја потврди определбата на партнерите за продлабочување на соработката и заедничко креирање нови идеи, туристички искуства и можности за развој на регионот.