Пелистер го победи Шкупи на Чаир – Битолчани тргнаа кон врвот!

Пелистер продолжува да гази во Втората македонска фудбалска лига! Битолчани попладнево демонстрираа сила на Чаир и со убедливи 0:4 го декласираа Шкупи, во меч во кој победата можеше да биде и поубедлива.

Пелистер одлично го контролираше натпреварот, а во центарот на вниманието беше Симе Христов, кој двапати ја затресе мрежата на домаќините. По еден гол постигнаа Јорданчо Наумоски и Кире Стојанов за голема победа на битолчани.

Ова е уште една потврда дека Пелистер влегува во сериозна форма и дека битолчани имаат амбиции за самиот врв на табелата.

Новаци конечно се израдува на првата победа сезонава. Пред својата публика го совлада Детонит Плачковица со 3:1, а два гола постигна Никола Талески, додека еднаш погоди Стефан Јовановски.

Охрид продолжи со максимален учинок на домашен терен и со 2:1 го совлада Еуромилк. Три бода освои и Кожуф, кој како гостин во Кочани со 0:1 го совлада Осогово.

Претходно, Македонија ЃП минимално со 1:0 го победи Камјани. Натпреварот Работнички – Брера Струмица е одложен поради обврските на струмичани во младинската Лига на шампиони.

Колото ќе биде комплетирано со дуелот Беласица – Тетекс, кој вечерва ќе се игра под рефлектори во Струмица.

Охрид максимален, Пелистер веднаш зад него

По досегашниот дел од 5. коло, Охрид е лидер со четири победи од четири натпревари, додека Пелистер е втор со 11 бодови. Брера Струмица има 10 бодови и натпревар помалку.

На спротивниот крај е Шкупи, кој по пет одиграни натпревари е единствениот тим без освоен бод.

Пелистер, пак, продолжува да се искачува – и по ваква победа на Чаир, битолчани имаат зошто да гледаат кон самиот врв.

Резултати – 5. коло:
Шкупи – Пелистер 0:4
Охрид – Еуромилк 2:1
Осогово – Кожув 0:1
Новаци – Детонит 3:1
Беласица – Тетекс (19:00)


1105

Задолжително

Verified by MonsterInsights