На плоштадот „Магнолија“ во Битола утре, 15 септември, од 11:00 до 14:00 часот, ќе се одржи „Соларен саем Битола“, во организација на Центарот за климатски промени.

Целта на настанот е граѓаните одблиску да се запознаат со можностите што ги нуди сончевата енергија и користењето обновливи извори на енергија, но и со практичните чекори за поставување фотонапонски системи во домаќинствата.

На саемот ќе бидат претставени различни технички решенија, а посетителите ќе можат директно да разговараат со организации и компании кои работат во оваа област и да добијат информации за можностите, понудите и практичните аспекти на инсталацијата на соларни системи.

Посебен акцент ќе биде ставен на концептот на „просумер“ – граѓанин кој истовремено произведува и троши сопствена електрична енергија. Овој модел станува сè поважен во процесот на енергетската транзиција и намалувањето на зависноста од конвенционалните извори на енергија.

Во рамки на саемот ќе има и интерактивни демонстрации и симулации преку кои посетителите ќе можат да видат како се произведува и користи електричната енергија од сонцето.

Организаторите предвиделе и посебна програма за најмладите. Децата ќе можат да учествуваат во интерактивни работилници преку кои на забавен и едукативен начин ќе се запознаат со обновливите извори на енергија и значењето на сончевата енергија за иднината.

„Соларен саем Битола“ е отворен за сите граѓани кои сакаат да дознаат повеќе за тоа како сончевата енергија може да се искористи во нивниот дом, какви технологии се достапни и што значи да се биде производител и потрошувач на сопствена електрична енергија.

📍 Плоштад „Магнолија“, Битола
📅 15 септември
⏰ 11:00 – 14:00 часот


1092

Задолжително

Verified by MonsterInsights