Битолски студенти меѓу 23-те добитници на стипендии од АД ЕСМ
Студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се меѓу добитниците на 23-те нови стипендии што годинава ги додели АД ЕСМ, како дел од долгогодишната практика на компанијата за поддршка на младите и создавање кадри за иднината на македонската енергетика.
Стипендии добија студенти од четири државни универзитети во земјава – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Универзитетот во Тетово.
Особено значење за Битола има поддршката на студентите од УКЛО, имајќи предвид дека градот и регионот се тесно поврзани со енергетскиот сектор и работата на РЕК Битола.
Стипендиите им ги врачија заменик-генералниот директор на АД ЕСМ Агим Садику, директорот за правни и општи работи Никола Ѓошевски и директорот на РЕК Битола Иван Куковски. Тие им упатија честитки на студентите и им посакаа успех во понатамошното образование и професионалниот развој.
Поддршката е наменета за студенти од области од особено значење за енергетиката и технолошкиот развој – електротехника, информациски технологии, машинство, рударство, природни и технички науки.
Стипендијата изнесува 80.000 денари годишно, со можност за продолжување во наредните академски години, согласно исполнувањето на утврдените критериуми.
Преку стипендирањето, АД ЕСМ создава можност младите да стекнат дополнително практично искуство и професионален развој, а во иднина и да станат дел од компанијата.
За студентите од Битола, ваквата поддршка има дополнителна тежина – знаењето стекнато на УКЛО да се поврзе со практиката и со енергетскиот сектор, кој е еден од клучните столбови на економскиот развој на Пелагонискиот регион.