Кристина Хаџиева со „Проникнување“ во Битола
Во Офицерскиот дом – КИЦ Битола, утре, 17 септември, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Проникнување“ на визуелната уметница Кристина Хаџиева.
Изложбата е продолжение на нејзиното претходно уметничко истражување „Интимност“, преку кое авторката се занимава со внатрешното искуство, присутноста и односот меѓу видливото и невидливото.
„Од мојата лична состојба на интимност, од допирот до нешто, во еден миг тоа нешто почна да расте, да се отвора, да проникнува, да добива динамика и да се поврзува“, вели Хаџиева, објаснувајќи го процесот од кој произлегува изложбата.
По отворањето, од 20:30 часот, авторката ќе реализира и „внатрешно поврзување“ со посетителите, со цел делата да бидат доживеани надвор од однапред зададени концепти и шеми.
Кристина Хаџиева е родена во 1982 година во Скопје и дипломирала на Факултетот за ликовни уметности. Во своето творештво работи со цртеж, сликарство, инсталација и интердисциплинарни истражувања.
Во 2026 година ги реализираше самостојните изложби „Поврзување“ во Кавадарци и „Поблиску од здивот“ во Скопје. Член е на ДЛУМ и ДЛУБ и активна членка на уметничката група МОМИ.
Изложбата „Проникнување“ е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Битола и КИЦ Битола.