Битола се мапираше од перспектива на граѓаните

Во рамките на Европската недела на мобилност, денеска Битола беше „тестирана“ од самите граѓани. Основци, средношколци, студенти, велосипедисти, корисници на тротинети, постари лица и лица со попреченост се движеа низ градот и мапираа колку тој е пристапен, безбеден и прилагоден за различните потреби.

Активноста се одвиваше во два дела. Во „Мапирање на мобилноста“, учениците и студентите, заедно со своите ментори, поминуваа по различни градски маршрути и забележуваа што е проодно, каде се појавуваат пречки и што може да се подобри.

Во вториот дел, „Битола во движење“, во мапирањето се вклучија различни генерации и корисници на градскиот простор.

Активностите завршија пред Офицерскиот дом, каде учесниците ги споделија своите искуства и идеи за создавање „Визија за Битола“ – град во кој движењето треба да биде полесно, побезбедно и подостапно за сите.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека ваквите активности овозможуваат градот да се согледа од перспективата на различните категории граѓани.

„Мобилноста не е иста за сите. Она што за еден граѓанин е лесен и прооден пат, за друг може да биде сериозна пречка“, порача Коњановски, посочувајќи дека локалната самоуправа работи на подобрување на уличната инфраструктура, безбедноста и пристапноста.

Тој потсети и на јавниот повик за средства за адаптација на пристапноста, мобилноста и функционалноста на лицата со попреченост до и во нивните домови, како и на изградбата на првите велосипедски патеки во Битола во должина од пет километри, со најава за нови траси.

„Денеска не бараме само проблеми, туку сакаме да слушнеме и предлози за решенија“, истакна градоначалникот.

Во рамките на активноста беше тестирана и апликацијата за мапирање во реални услови. Повратните информации од учесниците ќе се користат за нејзино понатамошно подобрување.

За реализацијата на активностите беа упатени благодарности до „Smart CityZen“, „Гринстарс“, „European Researchers’ Night & Researchers at Schools“, Хабот за тројна транзиција, УКЛО КОЛОРС, како и до Валентин Стојановски за развојот на апликацијата.


1083

Задолжително

Verified by MonsterInsights