Прв меморијален кошаркарски турнир „Зоран Петковски – Петкото“ во чест на битолската кошаркарска легенда

Во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола се одржа првиот меморијален кошаркарски турнир посветен на битолската кошаркарска легенда Зоран Петковски – Петкото. Турнирот го организираше новоформираниот кошаркарски клуб „Зоран Петковски – Петкото“, а на настанот присуствуваа и членови на семејството Петковски.

Во своето обраќање, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека името на Зоран Петковски е од оние имиња кои не се забораваат.

Петковски своите кошаркарски почетоци ги имал во Пелистер, а бил и младински репрезентативец на Македонија во една од успешните младински генерации, предводена од Митко Луковски. Во текот на својата кариера настапувал и за Куманово, Вардар, МЗТ Скопје, Соколи, а потоа повторно за Пелистер.

„Сè уште со голема тага се присетуваме на нашиот пријател, другар, поранешен советник и спортски работник. За неговото семејство, но и за сите нас, голема е загубата на толку млад човек, за кого спортот беше исклучително важен – спортот кој зближуваше, рекреираше, бодреше и инспирираше“, рече Коњановски.

Градоначалникот потсети и на неговите зборови дека Битола треба да создава услови за развој на екипните и индивидуалните, училишните и рекреативните спортови.

„Овие негови зборови за нас останаа аманет“, порача Коњановски.

Зоран Петковски во еден мандат беше советник во Советот на Општина Битола, задолжен за спортските теми. Со својата посветеност, енергија и љубов кон спортот остави препознатлива трага во спортскиот живот на градот.

Неговата поддршка на спортските иницијативи и несебичниот однос кон спортот и младите ќе останат запаметени како дел од неговото наследство.

Првиот меморијален турнир „Зоран Петковски – Петкото“ е посветен токму на тоа наследство – да се зачува споменот на човекот кој својот живот го поврза со кошарката и спортот и да продолжи вредноста што ја промовираше.

Некои луѓе оставаат толку многу зад себе што секој што ги познавал носи по една своја приказна за нив. Зоран Петковски е еден од нив.


1087

Задолжително

Verified by MonsterInsights